Европската вселенска агенција (ESA) минатата недела ги предупреди европските лидери и компании да престанат да му помагаат на американскиот милијардер Илон Маск да заладее со новата вселенска економија со поставување на илјадници сателити за интернет услуги во долната орбита на Земјата.

Јозеф Ашбахер, новиот извршен директор на ESA, истакна дека уште сега едно приватно лице, Маск, има најмногу сателити поставени во орбитата, што, во отсуство на соодветна конкуренција, му овозможува самиот да ги постави правилата.

„Имате едно лице кое поседува половина од активните сателити во светот. Тоа е прилично неверојатно. Де факто, тој ги прави правилата. Остатокот од светот, вклучително и Европа… не реагира доволно брзо“, рече тој.

Доминација на една личност во вселената

Тој додаде дека со својот бавен одговор, Европа ризикува распоредувањето на сателити од страна на Маск и метежот во просторот со ниска орбита како дел од проектот Starlink, да ги спречи компаниите во регионот да го реализираат својот потенцијал во бизнисот.

„Универзумот ќе стане многу поограничен во однос на фреквенциите и орбиталните простори“, рече Ашбахер во интервју за Financial Times.

„Европските влади заедно треба да имаат интерес… да им дадат еднакви можности на европските интернет провајдери да играат фер на пазарот“, додаде тој.

Ралф Динсли, основач на Northern Space and Security Ltd (NORSS), која ги следи вселенските објекти и се залага за одржливо користење на вселената, рече дека фактот што Маск произведува и лансира сателити со голема брзина значи дека може да се движи побрзо од конкуренцијата за да ги преземе најпосакуваните орбитални простори.

„Со брзината со која ги става во орбитата, речиси ги зафаќа тие орбитални простори, бидејќи таму никој не може да влезе. Тој го создава суверенитетот на Маск во вселената“, предупреди тој.

Ашбахер вели дека е јасно дека американските регулатори, кои се дел од националната влада, се „заинтересирани да ја развијат не само економијата, туку и одредени доминации на одредени економски сектори. Ова се случува … многу, многу, многу, многу јасно. И многу силно“, додаде тој.

Засега европските компании се добредојдени

Засега големите европски земји наоѓаат интерес да ги поддржат амбициите на Маск. На пример, според Ars Technica, Германија побарала од Меѓународната телекомуникациска унија да одобри фреквенции за 40.000 нови сателити од флотата Starlink.

Американскиот милијардер во јуни објави дека неговата компанија SpaceX е подготвена да потроши меѓу 20 и 30 милијарди долари за проширување на Starlink.

Ашбахер рече дека Starlink на Маск е веќе толку голем што е тешко за регулаторите или ривалите да го стигнат.

Starlink и OneWeb, поддржани од британската влада, го предводат патот во создавањето на огромна констелација од илјадници сателити во ниска орбита, кои треба да обезбедат широкопојасен пристап на места тешко достапни со кабли.

Сомнежи за исплатливоста

Некои аналитичари се прашуваат дали сателитски интернет може да биде остварлив деловен модел бидејќи тој е главно насочен кон оддалечените области, каде што можеби нема доволно луѓе да ги платат високите тарифи потребни за да се повратат инвестициските трошоци.

На Starlink ќе му требаат неколку милиони претплатници за да плаќаат околу 99 долари месечно за да се надомести инвестицијата од 5 милијарди долари годишно, рече аналитичарот Тим ​​Фарар, претседател на TMF Associates, калифорниска телекомуникациска истражувачка и консултантска фирма.

Инвестирањето од 30 милијарди долари во текот на деценијата нема да бара драматично зголемување на претплатниците, но за да се постигне проекцијата на приходот на Маск од приближно 30 милијарди долари годишно до 2020 година ќе бидат потребни десетици милиони претплатници, предупреди Фарар.

Нови играчи на пазарот

Но, како што цената на сателитите и нивното лансирање брзо паѓа, се појавува нова генерација на компании кои исто така пронаоѓаат интерес за обезбедување на комерцијални услуги кои овозможуваат сателити со ниска орбита, како што е набљудување на одредени процеси на Земјата.

Трката за искористување на овој потенцијал ја зголеми загриженоста за недостатокот на глобален систем за управување со вселенскиот сообраќај за ниска орбита на Земјата, во област до 2.000 км над Земјата.

Минатата година, Здружението за сателитска индустрија процени дека би можело да има повеќе од 100.000 комерцијални вселенски летала во орбитата до 2029 година.

Во европскиот сателитски сектор доминираат традиционални оператори кои се потпираат на многу помал број скапи сателити со висока орбита за да обезбедат услуги како што е телевизискиот пренос.

Иако Меѓународната унија за телекомуникации ја координира дистрибуцијата на радиофреквенции, не постои сеопфатно меѓународно тело или регулатор за контрола на лансирањето на сателити. Затоа, постои страв дека како што орбитите стануваат пренатрупани, ќе се зголеми ризикот од судир на сателити, што може да генерира катастрофални количини вселенски отпад. Вселенскиот отпад веќе почнува да претставува голема опасност.

Стив Колар, извршен директор на сателитски оператор SES, рече дека индустријата „се движи кон ситуација во која ќе бидат распоредени премногу сателити. Многу од овие планови се директен одговор на фактот дека никој не го регулира правилното и безбедно поставување на сателитите.

Тешкотија и опасност

Маск веќе е на удар на астрономи и разни здруженија и заедници поради проширувањето на програмата Starlink. Имено, овие сателити создаваат светлосно загадување што го отежнува правењето астрономски набљудувања од телескопите на Земјата.

Според Американското астрономско друштво, но и многу други експерти и претставници на различни религиозни и културни групи, роеви сателити наскоро ќе предизвикаат силно светлосно загадување на ноќното небо, ќе ги оцрнат астрономските фотографии, ќе предизвикаат фрустрација во многу заедници чии верувања се поврзани со ѕвезди и, можеби најважно, го отежнуваат истражувањето на универзумот, особено далечните галаксии, темната материја, темната енергија и ѕвездените експлозии.

Исто така, сателитите го попречуваат истражувањето на астероидите, што е важно за откривање и следење тела кои би можеле да бидат опасни за Земјата.

Конечно, со текот на времето, како што сателитите стануваат се побројни, тие би можеле да почнат да се судираат и да се уништуваат едни со други, создавајќи вселенски отпад и паѓајќи на Земјата.

Извор: Index.hr