Одамна знаеме каква штета може да предизвика тешката форма на ковид-19 врз белите дробови, но точните причини за овие промени уште се анализираат. Во студијата што може да помогне за подобро лекување на луѓето заразени со коронавирус, научниците од Германија покажаа дека ковид-19 често е придружен со сериозни лузни на ткивото на белите дробови.
Научници предводени од Леиф-Ерик Сандер од болницата „Шарите“ во Берлин велат дека откажувањето на белите дробови можеби не е предизвикано од самиот вирус, туку од одговорот на имунолошкиот систем на телото, меѓу другото.
Нивните наоди, објавени во научното списание „Сел“, посочуваат дека вирусот Сарс-КоВ-2 предизвикува клетките за чистење на имунолошкиот систем да предизвикуваат лузни што на крајот ги оштетуваат белите дробови.
Ваквата реакција на имунолошкиот систем значи дека пациентите со ковид-19 мора да бидат на кислород многу долго или дури и да бидат вентилирани со вештачки бели дробови (ECMO).
Доколку случајот со ковид-19 е сериозен, пациентот има голема веројатност да развие синдром на акутен респираторен дистрес (ARDS).
Научниците заклучиле дека ткивото на белите дробови на пациентот имало лузни, било здебелено и нееластично.
Многу слични процеси се случуваат кај идиопатската белодробна фиброза, претходно неизлечива форма на лузни во белите дробови.
Научниците првин го испитувале под микроскоп ткивото на белите дробови на пациентите што починале од Ковид-19 и ги откриле карактеристиките на тешката фиброза.
– Речиси сите засегнати пациенти имаа големо оштетување на ткивото. Повеќето од алвеолите беа уништени, а алвеоларните ѕидови покажаа висок степен на здебелување. Најдовме и наслојки на колаген насекаде, главните компоненти на ткивото со лузни – рече Питер Бор од Институт за патологија во Ахен при Универзитетот РВТХ.
Белодробната инсуфициенција обично не се развива две до три недели по појавата на првите симптоми, објасни Сандер.
„Ова покажува дека откажувањето на белите дробови не е предизвикано од неконтролирана репликација на вирусот, туку од секундарни одговори на домаќинот, како и оние што го вклучуваат имунолошкиот систем“.
Тимот потоа ги испитуваше имунолошките клетки во белите дробови на сериозно болни или починати пациенти со ковид-19.
Тие откриле дека макрофагите се акумулираат во белите дробови на болните пациенти – имунолошки клетки што ги отстрануваат патогените и клеточниот отпад, но учествуваат и во заздравувањето на раните.
Во тешки случаи, се чини дека ковид-19 доаѓа во контакт со одредени клетки на сврзното ткиво, а потоа енергично се размножува и произведува големи количини колаген.
Последователните студии во клеточни култури посочуваат дека вирусот Сарс-КоВ-2 предизвикува погрешен одговор на макрофагите. Вирусите на грип, од друга страна, не го предизвикуваат ова.
„Нашите податоци покажуваат паралели помеѓу ковид-19 и идиопатската белодробна фиброза“, рече Антоан-Емануел Салиба од Истражувачкиот институт „Хелмхолц“ во германскиот град Вирцбург.
Ова може да објасни зошто некои од ризик-факторите за ковид-19 се исто така ризик-фактори за идиопатска белодробна фиброза. Овие фактори вклучуваат некои здравствени состојби, пушење, пол и возраст над 60 години.
За разлика од идиопатската белодробна фиброза, чија причина е непозната, лузните кај пациенти со ковид-19 може да се отстранат, барем делумно, велат научниците.
Подетално проучување на процесот на регресија на лузната на ткивото може да придонесе за развој на третмани за двете болести или спречување лузни на самиот почеток.
Извор: B92.net