Huawei има искуство со флексибилни уреди, бидејќи во изминатите неколку години претстави три, а сега наскоро доаѓа уште еден.

Од Huawei веќе ги видовме Mate X, Mate XS и Mate X2, кој воедно е и најновиот смартфон на преклоп на компанијата. Сите овие модели се слични на Galaxy Fold на Samsung, бидејќеи се преклопуваат вертикално и имаат големина на помал таблет кога ќе се отворат, но кинеската компанија во последно време води тизер кампања со која најавува флексибилен уред сличен на Galaxy Flip. Harper Bazaar China сега откри како ќе изгледа овој смартфон.

Станува збор за моделот наречен Huawei P50 Pocket, кој се појави на фотографиите на кинеската актерка и пејачка Гуан Ксијатонг. Уредот изгледа прилично голем, барем судејќи според фотографиите објавени на социјалната мрежа Weibo, има кружен екстерен екран кој може да прикажува време, известувања и она што фотографира/снима камерата доколку уредот е преклопен.

Надворешниот дисплеј на P50 Pocket се наоѓа веднаш до модулот на камерата, а сензорот за отпечатоци на прсти се наоѓа покрај работ на уредот.

Верзијата на фотографиите е со златна боја, но тизерот на Huawei сугерира дека смартфонот ќе биде достапен и во сребрена боја со дијамантски дезен. Huawei официјално ќе го претстави P50 Pocket на 23 декември.