Вселенскиот телескоп Hubble на NASA е во „кома“ откако системот откажа кон крајот на октомври, но сега е повторно целосно оперативен.

По бројните грешки при синхронизацијата на инструментите кои бараа активирање на безбедниот режим, NASA сега тврди дека телескопот функционира нормално и дека сите четири активни инструменти собираат податоци.

NASA прв пат на 23 октомври забележа дека инструментите на Hubble не добиваат пораки од контролната единица на телескопот, а проблемите во комуникацијата продолжија и во наредните денови. Затоа NASA активираше еден вид безбеден режим на работа, нешто од кое телескопот долго се „буди“ поради чувствителноста на неговиот хардвер. Брзите промени на моќноста и температурата не се добри за неговиот животен век, па NASA е секогаш внимателна.

Ова исклучување беше второ годинава, бидејќи претходната едномесечна „кома“ беше забележана во јули поради друг проблем.

Телескопот е стар 31 година и се приближува кон крајот на својот животен век во вселената, но NASA сè уште очекува Hubble да работи во тандем со телескопот Џејмс Веб оваа деценија. По многубројните одложувања, новиот телескоп ќе биде лансиран на 22 декември.