Експерименталната вакцина против Ковид-19, која во моментов ја развива шпанската фармацевтска компанија „Хипра“, би можела да биде ефикасна како засилена доза, изјави денеска шпанската министерка за наука Дијана Морант.

Таа потврди дека за време на втората фаза од студијата на 1.000 доброволци кои веќе примиле друга вакцина, вакцината „Хипра“ дала добри резултати за алфа и бета варијантите на коронавирусот, пренесува „Ројтерс“.

„ „Хипра“ зборува за способноста на нејзината вакцина да рекомбинира варијанти, а тоа е едно од подобрувањата што оваа вакцина ги претставува во однос на оние кои досега сме вакцинирани. Дава многу добри резултати токму поради тоа што е вакцина која ги рекомбинира протеините на алфа и бета соевите… делтата дојде подоцна и сега имаме омикрон“ рече Морант.

Пред какво било можно одобрение за употреба кај луѓе, вакцината на „Хипра“ мора да се покаже како безбедна и ефикасна во тековните тестови и во последната трета фаза од клиничките испитувања.