Познатиот дојавувач на Твитер, Стив Хемерстофер, објави рендери од претстојниот паметен телефон Pixel 6A на Google кои го откриваат неговиот изглед.

Pixel 6A припаѓа на достапната Pixel A серија смартфони на Google, изгледа идентично како стандардниот Pixel 6, има иста црна лента на задната страна каде што се двете камери и блицот, додека селфи камерата е сместена во перфориран засек на екранот. Интересно е и тоа што уредот има USB-C порт, но не и 3,5 милиметарски приклучок за слушалки. На дното се звучникот и микрофонот.

Според она што може да се види на рендерите, од надворешната страна на уредот нема сензор за отпечатоци, па веројатно се наоѓа под екранот, баш како што е случај со моделите Pixel 6 и Pixel 6 Pro.

Pixel 6A ќе стане првиот паметен телефон од Pixel серијата од средна класа што нема да има 3,5 милиметарски приклучок за слушалки. Претходните модели Pixel 5A, Pixel 4A и Pixel 3A го имаа за разлика од моделите Pixel 5, Pixel 4 и Pixel 3.

Pixel 6A треба да биде многу покомпактен од Pixel 6 и Pixel 6 Pro со димензии од 152,2 x 71,8 x 8,7 mm и екран од 6,2 инчи. За споредба, Pixel 6 има димензии 158,6 x 74,8 x 8,9 mm и доаѓа со екран од 6,4 инчи.

Сè уште не е познато кога Pixel 6A ќе се појави на пазарот, а споменатото дуо Pixel 6 и Pixel 6 Pro пристигна минатиот месец.