На годишно ниво продажбата е сеуште во плус (+2,2%), за разлика од големиот пад во октомври од дури 30,3 проценти.

Продажбата на автомобили во Европската унија во месец октомври е за 30,3 отсто помала споредено со истиот месец минатата година. Уште полошо е тоа што месец октомври е четврти последователен месец во тековната година во кој се бележи негатива кога станува збор за продажбата на нови автомобили, но и најлош резултат откако се води статистиката на АСЕА (665.001 продадени единици наспроти 953.603 во октомври минатата година).

Повеќето пазари во ЕУ во текот на месец октомври претрпеле двоцифрени загуби, вклучувајќи ги и четирите најголеми: Италија (-35,7%), Германија (-34,9%), Франција (-30,7%) и Шпанија (-20,5%). На годишно ниво или во текот на првите 10 месеци од 2021 година, регистрациите на нови автомобили во ЕУ се зголемени за 2,2% во споредба со една година порано, што изнесува вкупно околу 8,2 милиони единици. Побарувачката засега останува во позитива на три од четирите клучни пазари на ЕУ: Италија (+12,7%), Шпанија (+5,6%) и Франција (+3,1%). Тоа не е случај со Германија каде на годишно ниво, бројот на регистрации на нови автомобили е во минус од -5,2%.

Падот на испораките на Volkswagen Group од 42 отсто во октомври значи искачување на скалило погоре односно преземање на лидерската позиција за групацијата Stellantis која исто така има пад на продажбата, но помал (-32%). Stellantis минатиот месец продал 165.866 автомобили, во споредба со 165.309 автомобили на Volkswagen Group.

Треба да се потсети дека групацијата VW оваа година неколку пати го стопираше производството во својата главна фабрика во Волфсбург, Германија, каде што се произведува најпродаваниот компактен хечбек, Golf, поради недостаток на полупроводници.

Со оглед на целата ситуација со недостатокот на чипови и полупроводници, Групацијата VW, како и другите производители на автомобили, во производството предност им даваат на своите најпрофитабилни марки и автомобили. Оттаму и не чуди порастот на продажбата, на пример, на Porsche за 13 отсто во месец октомври.

Целиот извештај може да го погледнете на следниот линк.

Извор: Додај Гас