Кога неодамна најави ребрендирање на компанијата „Фејсбук“ во „Мета“, Марк Закерберг јасно стави до знаење дека иднината на интернетот лежи во метаверзумот – виртуелен свет во кој луѓето ќе живеат, ќе работат и ќе играат.

Тоа е футуристичка идеја, но самиот термин  е стар речиси 30 години, објави„Си-ен-би-си.

Истиот извор пренесува дека писателот Нил Стивенсон го скова терминот метаверзум во својот научнофантастичен роман Snow Crash („Снежен пад“)  од 1992 година, во кој тој пишува за наследник на интернетот заснован на виртуелна реалност. Во романот луѓето користат дигитални аватари за да го истражуваат светот на интернетот како начин да избегаат од дистописката реалност.

Речиси три децении подоцна звучи како иднината што Закерберг се обидува да ја изгради со „Мета“. Само без дистопија.

Минатата недела авторот Стивенсон изјави за „Аксиос“ дека никогаш немал никаква комуникација со Цукерберг. Сепак, ако „Мета“ ги исполни сите предвидувања на Стивенсон, нејзиниот метаверзум можеби нема да биде толку идилично место како што изгледа.

Дејството на романот е сместено на почетокот на овој век и предвидува мрачна иднина во која глобалната економија пропаѓа и федералните влади губат поголем дел од својата моќ поради неколку гигантски корпорации. Метаверзумот е бегство, а главниот лик на романот – компјутерски хакер и доставувач на пица, со смешно име Хиро Протагонист – го поминува поголемиот дел од своето време таму. Тој пристапува во метаверзумот носејќи очила и слушалки, а во дигиталниот свет се појавува како сопствен приспособен аватар.

Штом ќе влезат таму, аватарите може да прошетаат на една широка улица долга десетици илјади милји, во која се сместени забавни паркови, продавници и канцеларии. Сторијата се фокусира на главниот лик, кој се обидува да спречи компјутерски вирус што предизвикува корисниците на метаверзумот да претрпат вистинско оштетување на мозокот, пренесува Си-ен-би-си.