Во последно време се прават големи напори за развој на нови технологии погодни за искористување на вселенските ресурси, особено за „вадење“ на кислород; есенцијален гас за формирање база на Месечината.

Во октомври, Австралиската вселенска агенција и НАСА потпишале договор за испраќање ровер на Месечината во рамките на програмата Артемис, со цел да се соберат карпи од кои кислородот потребен за дишење, би можел да се извлекува преку одредени процеси.

Можеби на многумина не им е познато, но на Месечината постои атмосфера. Но, таа е многу ретка и се состои главно од водород, неон и аргон; што во никој случај не е погодно за опстанок на цицачите како луѓето.

Но, тоа не значи дека нема кислород на Месечината; едноставно не е во гасовита форма. Може да се најде во реголит – слој од карпи и ситна прашина што ја покрива површината на Месечината.

Кислородот може да се најде во многу минерали на Земјата. Самата Месечина претежно се состои од истите карпи што ги наоѓаме на нашата планета, пишува научникот Џон Грант од Southern Cross University за Conversation.

Во лунарниот пејзаж доминираат минерали како силициум диоксид, алуминиум и железо и магнезиум оксид. Сите овие минерали содржат кислород, само што не може да се вдишува во неговата оригинална форма.

На Месечината овие минерали постојат во различни форми; како камења, прашина, чакал и карпи. Месечевиот реголит се состои од приближно 45 проценти кислород, но тој е цврсто врзан за споменатите минерали. За да се прекинат тие силни врски, треба да се вложи многу енергија и да се искористи процесот на електролиза.

Електролизата често се користи во индустријата на Земјата. На пример, во производството на алуминиум. Електрична струја се пренесува низ течниот алуминиум за да се оддели алуминиумот од кислородот во процесот. Во овој случај, кислородот е нуспроизвод. На Месечината, кислородот би бил главниот производ, а извлечениот алуминиум (или друг метал) потенцијално корисен нуспроизвод.

Тоа е прилично едноставен процес, но има проблем – потребно е многу енергија.

Потребна е и индустриска опрема за извлекување на кислород од реголитот. Постои технологијата за ова на Земјата, но вистинскиот предизвик ќе биде да се пренесе таква фабрика на Месечината и да се создаде доволно енергија за да почне со работа.