Windows 11 SE и Surface Laptop SE се наменети за образовниот сектор и претставуваат еден вид конкуренција на Chrome OS и Chromebook уредите на Google.

Microsoft го претстави Windows 11 SE направен за хардвер наменет за образование, заедно со ултра евтиниот Surface лаптоп за училиштата. Microsoft Surface SE е првиот Surface лаптоп направен специјално за студенти. Ќе биде лансиран по цена од 249 долари, а доаѓа преполн со Microsoft 365 апликации и поддршка за апликации од трети страни како Zoom и Chrome.

Ако погледнеме подлабоко во Windows 11 SE без претходно познавање на овој оперативен систем, идејата за поддршка на апликации од трети страни може да изгледа чудна. Windows 11 SE е оперативен систем дизајниран за студенти, креиран „врз основа на повратни информации од наставниците“.

Ова е најголемиот адут на Microsoft на образовниот пазар во последно време, пишува Slashgear. Во текот на изминатата половина деценија, Chrome OS и Chromebook уредите на Google кренаа голема прашина во образованието, посебно кога учениците од сите возрасти почнаа да користат компјутери за секојдневна работа – а ние се префрливме на работа и учење на далечина, како реалност од Ковид-19 пандемијата.

Сега, Microsoft ефективно ја прифати реалноста на ситуацијата и го најави Windows 11 SE, верзија на Windows 11 која ќе им овозможи на наставниците и училишните ИТ администратори да ги користат компјутери како алатка за помош во образовниот процес.

Првиот уред што ќе работи со Windows 11 SE е Microsoft Surface Laptop SE. Овој лаптоп е „најдостапниот Surface PC досега“ со почетна цена од приближно 250 долари.

Овој уред има 11,6-инчен TFT LCD екран со резолуција од 1366 x 768 пиксели (138 PPI). Лаптопот има 4GB или 8GB DDR4 RAM, како и Intel Celeron N4020 или N4120 процесор и Intel UHD Graphics 600. Батеријата во оваа машина го обезбедува она што Microsoft го опишува како „до“ 16 часа траење на батеријата.

Овој лаптоп има предна камера од 1MP со можност за снимање 720p видео при 30fps. Surface Laptop SE има 2W стерео звучници и еден дигитален микрофон.

За ИТ професионалците, најважниот дел во врска со Surface Laptop SE е можноста за поправка на хардверот. Microsoft напомена дека екранот, тастатурата, батеријата и матичната плоча ќе бидат „компоненти кои лесно се поправаат“. Следниот најповолен  Surface уред во моментов е Surface Go 3, со цена од приближно 450 долари.

Surface Laptop SE ќе има датум на издавање на почетокот на 2022 година. Во моментов овој лаптоп може да се види во Microsoft Store, со напомена дека ќе биде достапен од следната година.