NASA и SpaceX испратија четворица астронаути на Меѓународната вселенска станица (ISS) во земјината Орбита, каде што треба да пристигнат утре.

Астронаутите од екипажот Crew 3 – Раџа Чари, Кајла Барон и Том Маршбурн од САД, и Матијас Маурер од Германија полетаа со капсула „Кру драгон” прикачена на ракета „Фалкон 9″ синоќа во 21:03 часот по локално време од вселенскиот центар „Кенеди” на Флорида.

Мисијата е дел од партнерството на NASA со SpaceX на Елон Маск, чија цел е да се обнови капацитетот на САД за вселенски летови со луѓе. Летот првично беше закажан за 31 октомври, но беше одложен, прво поради временските услови, а потоа и поради „ситни медицински проблеми” поврзани со посадата. НАСА соопшти дека овие причини немаат врска со Ковид-19.

Астронаутите ќе минат шест месеци на МВС и ќе спроведат различни истражувања кои треба да дадат потребни податоци за идните истражувања на подалечното вселенско пространство.