Според најновата студија, вакцината против хуман папиломавирус (ХПВ) ја намалува појавата на рак на грлото на матката за речиси 90 отсто.
Организацијата „Cancer Research UK“ вели дека станува збор за „историско откритие“ кое покажува дека вакцината спасува живот.
Дури 99 отсто од случаите на карцином на грлото на матката се предизвикани од хуман папиломавирус, а експертите се надеваат дека вакцината во иднина речиси би можела да ја елиминира оваа болест. Тие исто така веруваат дека оние жени кои се вакцинираат можат поретко да прават цервикален тест.
Во Велика Британија, девојчињата можат да се вакцинираат против ХПВ веќе на возраст од 11 до 13 години, во зависност од тоа во кој регион живеат. Истражувањето ги анализирало податоците собрани по воведувањето на вакцинацијата во Англија во 2008 година, пишува „BBC“.
Студијата покажала намалување на преканцерозните промени и 87 отсто намалување на појава на рак на грлото на матката кај вакцинирани студенти.
Кај вакцинираните на возраст меѓу 14 и 16 години, стапката на рак на грлото на матката во нивните 20-ти години била за 62 отсто помала, а во групата вакцинирани на возраст од 16 до 18 години таа стапка била помала за 34 отсто.
Во период од речиси 13 години, во Англија се забележани околу 28.000 дијагнози на рак на грлото на матката и 300.000 дијагнози на преканцерозна состојба која се нарекува „цервикална интраепителна неоплазија“ (CIN3), покажуваат податоците.
Кај младите вакцинирани жени се забележани околу 450 помалку случаи на рак на грлото на матката и 17.200 помалку случаи на „CIN3“, во споредба со невакцинираните жени на иста возраст.
„Се надеваме дека новите резултати од нашата студија ќе ги поттикнат младите жени да се вакцинираат бидејќи успехот на целата програма за вакцинација не се потпира само на ефективноста на вакцината, туку и на процентот на вакцинираната популација“, вели коавторката на студијата, Кејт Солдан, од британската здравствена агенција.
Велика Британија ќе воведе вакцина која штити од 9 типа на ХПВ
Се разбира, сè уште не е познато колку долго трае заштитата од оваа вакцина и дали треба да се даде дополнителна доза во подоцнежна фаза од животот.
Постојат повеќе од 100 видови на хуман папиломавирус. Велика Британија користи вакцина која штити од 2 типа на ХПВ, а се подготвува да воведе вакцина која штити од 9 типа, вклучувајќи ги и главните причинители на генитални брадавици.
Истражувањето наречено „The Effects of the National HPV Vaccination Programme in England, UK, on Cervical Cancer and Grade 3 Cervical Intraepithelial Neoplasia Incidence: a Register-based Observational Study“ е објавено во списанието „Lancet“.