Докторот и научник Патрик Воленс, кој е главен научен советник на владата на Велика Британија, ја предупреди јавноста во земјата дека ќе треба да се носат маски за лице уште цела година и покрај почнувањето со вакцинацијата против Ковид-19.

Воленс го поздрави почетокот на програмата за вакцинација на Велика Британија во вторникот, но предупреди дека животот можеби нема да се врати во нормала до пролетта 2021 година. Според него, можеби ќе треба да се носат маски дури до следната зима.

„Сè уште не знаеме колку ќе бидат добри вакцините во спречувањето на пренесувањето на вирусот“ изјави Воленс.

Се проценува дека во вторникот во Велика Британија се вакцинирале стотици луѓе во 70 болници. 90-годишната Маргарет Кинан беше првата личност што ја прими вакцината од „Фајзер“ и „Бајонтек“, а на овој ден се вакцинирале и здравствени работници, работници во домови за стари лица и постари граѓани.

Велика Британија неодамна ја одобри вакцината на „Фајзер“ и „Бајонтек“ и во моментов ги разгледува вакцините на „Оксфорд“, „Астра Зенека“ и „Модерна“.

Во меѓувреме, активистите предупредуваат дека голем број сиромашни земји може да останат без вакцина против Ковид-19 бидејќи богатите земји купуваат голем дел од нив. Според податоците, богатите нации кои се дом на 14% од светското население купиле 53% од сите вакцини досега.

Извор: Standard.co.uk