Изгледа дека Цукерберг не е единствениот кој сака да ви ја продаде идејата дека во иднина сите ќе бидеме во еден голем метаверзум.
На конференцијата одржана на 2. ноември, извршниот директор на Microsoft, Сатја Надела, најави дека наскоро ќе го претстават својот метаверзум, кој е малку поразличен од оној што го претстави компанијата Meta (Facebook).
Деловен метаверзум
Microsoft го замисли својот метаверзум како простор за виртуелна соработка, за работата во виртуелните канцеларии да изгледа позабавно или барем помалку лошо (во зависност од тоа дали ја гледате чашата полуполна или полупразна). Како и во конкурентното решение прикажано пред шест дена, во виртуелниот свет ќе бидете претставени со 3D аватари, што е подобра опција отколку постојано да ви е вклучена камерата.
Facebook беше прв
Facebook, која ги има социјалните мрежи Facebook и Instagram, сервисите како WhatsAPp и Messenger, го смени името во Meta на 28 октомври. Тоа го направи затоа што, паралелно со промената на името, го најави својот метаверзум, нивната визија за иднината која ги поврзува физичкиот и виртуелниот свет.
Закерберг го дефинира метаверзумот како „виртуелен простор каде што луѓето можат да се дружат со пријателите, да работат, да играат, да учат, да купуваат, да создаваат и многу повеќе“. Тоа е дигитална реалност поврзана во глобална мрежа, со елементи на социјални мрежи, проширена реалност, игри и филмови.
Малку поинаку
Метаверзумот на Microsoft беше дефиниран од нивниот извршен директор како „идеја за споделени виртуелни светови како сосема нова платформа која ќе им овозможи на луѓето да вметнуваат компјутери во реалниот свет и да го вметнат реалниот свет во компјутерите – што ќе донесе вистинско присуство во секој дигитален простор.“
Тие веќе инвестираа во имплементација на елементи на проширена и виртуелна реалност во реалниот свет, поточно во Office, со софтверска база која Microsoft ја нарекува Mesh, на која сега е додадена платформа за видео конференции и соработка – Teams.
За обичните корисници, тоа значи дека Teams ќе ги добијат своите 2D и 3D аватари наместо класичните слики на корисниците пред компјутерите за време на видеоконференции. Не ни е јасно зошто наеднаш стана важно никој да не ве гледа на видеоконференции, а наместо вас да се прикажува некаков цртан лик, но ако Microsoft вели дека е важно, ќе им веруваме (кхм…).
Teams, Office, производи за летање, големи екрани
За соработка, Teams ќе овозможи состаноци во виртуелни простории и конференциски сали, со предмети како што се табла за цртање, големи екрани и лебдечки 3D модели на нови производи. Звучи забавно? Не баш, нели?
Microsoft понатаму вели дека виртуелниот свет би можел да биде дополнителен товар по толку долга работа од дома, но исто така се забележува дека ова би било идеално преодно решение, додека луѓето не се „навикнат“. Дополнително, уште еднаш се нагласува дека дигиталните аватари ќе го намалат заморот на учесниците на виртуелните состаноци, бидејќи ќе можете да ја исклучите камерата.
Со оглед на фактот дека за метаверзумот на Microsoft веројатно ќе треба да се претплатите на нивните услуги како Office 365, Azure Synapse и слични, идејата не ни влева премногу доверба.
На работа без да станете од кревет
Искрено, се чини дека целата поента на метаверзумот на Microsoft е да ви овозможи да продолжите да работите со вашите колеги без да морате да станете од кревет или тоалет, во зависност од тоа каде претпочитате да работите. Аватарите ќе ви овозможат сите да изгледате супер убаво и среќно, без разлика што ова е ваша шеста средба по ред, а паралелно со нив сте ја гледале целата сезона на серијата Squid Game.
Не знаеме дали тоа го покажа истражувањето спроведено од Microsoft пред да одлучи да инвестира многу во метаверзумот, но се чини дека последното нешто што луѓето сакаат е да бидат уште повеќе онлајн, а не да го напуштаат домот во кој беа принудени да дремат за време на пандемијата.
Извор: Mondo.rs