Mavic дроновите на компанијата DJI станаа прв избор за ентузијастите кои се занимаваат со фотографирање и снимање од воздух, а сега на пазарот пристигнаа два нови модела.

DJI го претстави стандардниот Mavic 3 како и Mavic 3 Cine кој поддржува Apple ProRES 422 снимање и доаѓа со дополнителна SSD меморија од 1 TB за побрз пренос на податоци. Без оглед на избраниот модел, клиентот може да смета на голем 4/3 CMOS сензор развиен во соработка со Hasselblad и секундарна телефото камера која нуди 28x хибриден зум.

Mavic може да снима 5,1K видео со 50 fps или 4K видео при 120 fps, додека ги поддржува програмите на DJI како што се MasterShots, новиот 100-MP Panorama режим и QuickTransfer за пренос на снимката преку Wi-Fi 6 конекција. Со Haselblad’s Natural Color Solution технологијата, DJI тврди дека боите се подлабоки и попрецизни од било кога досега.

Најимпресивното нешто кај Mavic 3 е тоа што скоро секоја карактеристика е подобрена на некој начин. Двете верзии на Mavic 3 сега можат да поминат до 46 минути во воздух со едно полнење на батеријата, што е значително повеќе од 32 минути на коколку што беше ограничен Mavic 2. DJI го подобри и системот за пренос Q3+, така што Mavic 3 има досег од 15 километри, додека неговиот претходник имаше досег од 8 километри.

Со цел дронот безбедно да се врати, DJI создаде нов Advanced RTH протокол кој му овозможува да се врати кај корисникот по директен пат и со заштеда на енергија. Тоа, меѓу другото, значи дека ќе прелета над пречките наместо да ги заобиколува. Mavic 3 може да ги препознае моменталните услови на ветерот и да ја пресмета најефикасната патека кон корисникот.

Mavic 3 не е евтин. Стандардниот пакет со дрон, батерија, постариот RC-N1 контролер, три RCN1 кабли, три пара дополнителни пропелери, полнач за  батеријата и заштита на пакувањето чини 2.199 долари.

Mavic 3 Fly More Combo чини 2.999 долари, вклучува хаб за полнење на батерии, дополнителни пропелери за замена, НД филтер на DJI, торба и уште неколку ситници. Најскапиот Mavic 3 Cine Premium Combo се продава по цена од 4.999 долари и ги вклучува сите додатоци, вклучително и подобрен RC Pro контролер.