Според порталот MacRumors, iMac Pro компјутерот ќе ги има истите M1 Pro и M1 Max чипови, кои Apple ги претстави со новите MacBook Pro лаптопи, а можеби ќе бидат и „дополнително конфигурирани“.

Познатиот дојавувач @dylandkt на Twitter објави дека all-in-one десктоп компјутерот ќе ја користи ознаката Pro за да се разликува од 24-инчниот iMac, што беше објавен претходно оваа година. Бидејќи ќе користи M1 Pro и Max чипови, Apple го смета за Pro уред и внатрешно го нарекува iMac Pro.

Според изворите, iMac ќе има 27-инчен Mini-LED екран со ProMotion технологија од 120Hz, иако некои претходни гласини сугерираа дека следната генерација на iMac ќе има поголем екран. За разлика од 24-инчниот iMac, iMac Pro ќе има темни рамки, а големината на рамките ќе биде намалена во однос на актуелниот 27-инчен iMac.

Во однос на дизајнот, Pro моделот може да изгледа слично на 24-инчниот iMac и Pro Display XDR мониторот, а Apple го тестираше и Face ID за оваа машина, но ова сè уште не е потврдена карактеристика.

Основниот модел на iMac ќе има 16 GB меморија и 512 GB простор за складирање, а сите модели ќе бидат опремени со HDMI порт, слот за SD картичка и неколку USB-C / Thunderbolt портови, слично како кај MacBook Pro. Исто така, се наведува дека Apple ќе вклучи и Ethernet порт на адаптерот за напојување.

Според изворите, iMac ќе има почетна цена од 2.000 долари или повеќе, а ќе биде лансиран во првата половина на 2022 година. Претстојниот iMac Pro ќе го замени сегашниот 27-инчен iMac модел базиран на Intel процесори..

Во меѓувреме, не сме слушнале многу за поголемиот iMac на Apple, но изворите потврдија дека машината исто така е во изградба. Apple наводно ја прекина работата на поголемиот iMac за да работи на 24-инчниот модел, но сега кога излезе 24-инчниот iMac, развојот може да продолжи.