Xiaomi нуди широк спектар на телевизори, вклучувајќи ги и Redmi моделите со 4K панели. Компанијата сега објави два нови буџетски телевизори во Индија како дел од серијата Redmi Smart TV, а се работи за модели од 32 и 43 инчи.
Redmi Smart TV од 32 инчи има 720p резолуција, додека 43-инчниот модел нуди 1080p панел. Двата телевизора го користат Xiaomi Vivid Picture Engine алгоритамот за подобрување на репродукцијата на боите, погрануларна контрола на квалитетот на сликата и директно користење на Netflix или Amazon Prime Video преку Mi далечинскиот управувач.
Телевизорите ги покренува четиренјадрен чипсет со Arm Mali-G31 MP2 графички процесор и 1GB RAM меморија. Поседува и 8GB простор за складирање на Android 11 TV апликации. Двата телевизора имаат Patchwall 4.0 launcher, со вграден систем за оценување на IMDB и друго.
За звукот се задолжени звучници од 20W, со Dolby Audio, DTS HD и DTS Virtual X поддршка за симулирање на опкружувачкиот звук. Од опциите за поврзување, тука се два HDMI порта, две USB порта, AV влез, 3.5mm приклучок и Ethernet порт. Исто така, телевизорите поддржуваат Wi-Fi и Bluetooth 5.0, како и Miracast и Chromecast функциите.
Redmi Smart TV моделот од 32 инчи има цена од околу 217 долари, додека 43-инчниот модел пристигнува по цена од околу 353 долари и ќе се продава од 28. септември.