Од компанијата Apple објавено е дека е пуштена во работа веб-страница и iOS апликација, која им овозможува на корисниците да чекираат доколку имаат симптоми на коронавирусот, за да знаат дали е потребно да се обратат на некоја здравствена установа или ги немаат симптомите кои официјално се прошпишани од Светската здравствена организација. Во Apple се надеваат дека ова барем малку ќе помогне во борбата против новиот COVID-19 вирус, кој во последните денови бележи драстичен раст во Соединетите Американски Држави.

Во соопштението се наведува дека во изработката учествувале експертите од самата компанија, но во партнерство со Центарот за контрола и превенција на болести, како и со официјалната агенција на Белата куќа и Сојузната агенција за управување со итни ситуации. Веб сајтот и iOS апликацијата содржат прашалник и сите информации за новиот вирус, кој е прогласен за глобална пандемија во светот. Она што посебно се истакнува е фактот дека Apple нема никакви податоци за корисниците на апликацијата и сајтот и дека само ќе се користат анонимни податоци за користењето на алатката.

За користење на оваа апликација и сајт не е потребно да имате Apple профил. Во борбата против коронавирусот, Apple се приклучи на самиот почеток, намалувајќи го бројот на работниците кои работат во канцеларии, па потоа и прекин на работата, затворање на продавниците, а овие денови донираа дури и 10 милиони заштитни маски.