Samsung Galaxy Z Fold 3 не е уред за секого: тоа е смартфон за оние кои сакаат нешто поинакво и кои можат себеси да си приуштат такво задоволство. Една година откако Fold 2 наруши некои еталони на вредности, пристигна неговата унапредена верзија.

Текст и фото: Никола Бурагев

Додека пристигнуваа првите модели на телефони со преклопни/флексибилни екрани, ги трошевме синтагмите како „весник на иднината“, демонстрација на технологијата“ и „најава за подобро утре“. Galaxy Z Fold 3 5G сега е во нашите раце и мораме да констатираме – со него дефинитивно пристигна и таа најавена иднина.

Преклопник со душа

Искуството на големиот екран на многумина им е исклучително важно, како од лични, така и од многу практични причини. Работите секогаш се гледаат подобро на голем екран, поудобно се прегледуваат содржините, појасен е приказот, повеќе работи можат да бидат прикажани истовремено, а полесна е и работата со било какви мејлови, пораки и слично. Да не зборуваме за читањето книги, стрипови и колку е поудобно да се сурфа на интернет. Оттаму и популарноста на таблет уредите, кои на светскиот пазар се  како целосно нова категорија уреди во текот на минатата деценија.

Меѓутоа, до пред извесно време не постоеше 2-во-1 уред, телефон што се расклопува во таблет, така што корисникот може да ја избере формата која повеќе му одговара во секој момент. Токму на ваквата група корисници им се обраќа Samsung со својата Galaxy Z Fold серија уреди. Сега, во третата генерација, можеме да констатираме дека работите во целост се созреани.

Galaxy Z Fold 3 е телефон кој пред се има карактер – карактеристика што посебно недостасува во денешно време. Во ерата во која бројните уреди и потребите за нив се прилично ирационални, отскокнува како уред кој всушност целосно ги задоволува и исполнува реалните потреби на една група корисници. Во таа смисла, Fold 3 не е уред за секого, тоа е сигурно, и ако површниот поглед на високата цена од дури 109.000 дeнари не го сугерира тоа јасно, ние сме тука да ви го потврдиме. Меѓутоа, на една група луѓе ќе и стане буквално незаменлив откако ќе се најде во нивните раце.

Изработка и дизајн

Најбитниот елемент на телефон со флексибилен дисплеј секако е шарката, чија задача е на еден ваков уред да му овозможи стотина илјади отворања и затворања. Мораме да констатираме дека се е толку добро затегнато, уште подобро од минатата година, што апсолутно немаме никаква замерка на изработката. Се е изведено како што треба, односно силата која е неопходна да се отвори или затвори телефонот, а да нема некои латерални движења е перфектна. Уредот е апсолутно цврст во двата режима на работа и тоа не треба да претставува грижа – но и натаму се работи за телефон на кој треба да внимаваме и воопшто не сакаме ни да размислуваме од исходот на евентуален пад.

Samsung Galaxy Z Fold 3 на прва изгледа гломазно и необично за држење во раце, односно како да држиме два уреда, што е и нормално со оглед на големиот дисплеј. Но, по неколку часа користење, се навикнавме на неговите димензии и по неколку дена употреба на Z Fold 3, многу е тешко да се држи некој друг уред во раце. Со оглед на дебелината и самата издржливост и цврстина на отворање на уредот, Z Fold 3 нуди и некое посебно чувство на сигурноста за користење. Доста е потенок од својот претходник, но има и помала батерија од 4400 mAh.

Софтвер и начин на користење

Малку нетипично, најголем дел од заслугата за ова оди на сметка на софтверот и оптимизацијата. Има многу ставки што Samsung ги прилагоди за употреба на ваков телефон, мислејќи на повеќе режими за држење на екранот (затворен, расклопен, полуотворен под агол од околу 90 степени…). Телефонот користи Android 11 во комбинација со корисничкиот интерфејс One UI 3.1, на кој Samsung не само што подобри доста работи, туку драстично ја подобри употребливоста во многу аспекти.

Самиот факт дека е достапен голем екран со речиси квадратен облик, на кој е вистинско уживање да се гледаат содржините, прави бројните апликации да бидат вистинско уживање за корисникот. На пример, во пракса е неверојатно колку е корисен мејл клиентот, кој обично претставува вистинско мачење. Сега на една страна има колона со примени пораки, десно се прикажува содржината на пораката, тастатурата се користи со двете раце разделена на двата екрани.

Постојат многу можности за мултитаскинг, комбинирање на приказ на една или повеќе апликации на екранот во различни пропорции, што комбинацијата на пребарување и некои други активности ја прави вистинско задоволство. Кога делумно ќе се отвори екранот, можете да гледате YouTube видео во горната половина, а долу да ги следите коментарите, или пак да се снимате себеси со камерата во погоден режим. Тука е и S-Pen, пенкало што го подига искуството на ново ниво, но овој пат не е дел од пакувањето, туку треба да се купи дополнително.

Посебно треба да се истакне фантастичната интеграција со партнерските апликации, а ова најмногу се однесува на мобилниот софтвер на Google и Microsoft. Office 365 во мобилна верзија е вистинско уживање да се користи и навистина е можно да се заврши работа само со користење на овој паметен телефон. Интеграцијата со PC компјутерите е дополнително унапредена, па сега можете да ги видите сите апликации и опции, поврзувајќи го компјутерот и телефонот и пресликувајќи го приказот од смартфонот на мониторот и контролирајќи го на тој начин. Тоа ја вклучува и директната размена на фајлови по безжичен пат, ослободувајќи ве од потребата да го поврзувате телефонот и компјутерот со кабел за да префрлите било што.

Надворешен и внатрешен екран

Екраните доста влијаат на корисничкото искуство и претставуваат бисер на инженерите на Samsung. Новото издание ги задржа минатогодишните пропорции, што е добра работа, но сега двата екрана се Dynamic AMOLED 2X со освежување од 120 Hz и унапредено осветлување и респонсивност. Впечатокот за употребата е фантастичен. Надворешниот екран е малку поиздолжен, со однос на страници 25:9, но така едноставно мораше да биде поради пропорцитте на самиот уред. На внатрешниот екран максималното осветлување му е зголемено на дури 1200 нита. Со еден збор – уживање е да се користат.

Големо унапредување пристигнува и во доменот на отпорноста. Таа е многу подобрена и може да се каже дека рак-раната на претходните генерации флексибилни телефони сега е санирана. Присутна е водоотпорност според IPX8 стандард (до 1,5 м длабочина во траење до 30 минути), што е објективно сосема доволно. Од друга стртана, нема отпорност на прашина, но не можеме да замилиме дека еден ваков уред ќе се користи во така ризични услови. Затоа пак, цврстината на материјалите од кои е изработен телефонот е подобрена до 80 проценти, вклучувајќи го и Corning Gorilla Glass Victus на надворешниот екран, како и фамозната шарка. Независните тестови веќе потврдија дека цврстината и отпорноста на екранот и механизмот на шарката се драстично подобрени, а таков впечаток добивме и ние при користењето на уредот.

Galaxy Z Fold 3 е базиран на Snapdragon 888 чипсет, најмоќниот мобилен чип на компанијата Qualcomm. Сепак, делува дека Samsung благо ја „скротил“ силата на чипот, бидејќи доста се грее во стандардното издание, посебно кога е присутна одличната Adreno 660 графика. Што се однесува до меморијата, телефонот содржи 12GB RAM и 256GB простор за складирање, кое е UFS 3.1. Присутна е и поддршка за NanoSIM и e-SIM.

Камери на сите страни

Samsung Z Fold 3 располага со голем број камери – дури пет! Но, главниот систем не е променет во однос на претходната година. Се работи за комбинација од три камери од по 12 MP – главна, ултраширока и телефото, со 2X оптички зум, Dual Pixel фазен автофокус и 4K снимање во 60 fps.

Дали е тоа доволно? И покрај тоа што фотографиите и видеото се со сосема пристоен квалитет, со оглед на цената на телефонот, можеби имаме мала забелешка дека новиот Fold не го поседува барем системот на камери од S21 Ultra телефонот. Резултатите се солидни, и да не постојат подобри камери, би кажале дека ова е и повеќе од доволно, а уверени сме дека во пракса голем број корисници всушност и нема да забележат некоја значителна разлика.

Селфи фотографиите се посебна приказна. Може да се снима на дури три начини – со класичната предна камера на надворешниот екран, со under-display камерата на внатрешниот екран и со системот на главни камери. Предната камера од 10 MP на надворешниот дисплеј е типична за телефоните на Samsung од последните години – многу добра, детална, употреблива. Но, ако сакате максимално квалитетни селфи, можете да го искористите системот на главни камери и тогаш веќе добивате квалитетни селфи фотографии без конкуренција.

Внатрешната камера од 4MP сместена под внатрешниот дисплеј е нешто поинаква. Приоритет беше да се направи камера која не се гледа кога екранот е расклопен и не пречи. Ефектот е речиси постигнат – не може да се каже дека не се гледа, но ќе ја запазите само ако ја побарате. Ќе се појави само кога ве снима, а инаку е „слеана“ во приказот со само мала индикација каде се наоѓа. Оваа камера е под нивоата на останатите селфи камери, но претпоставуваме дека тука е повеќе за бизнис комуникација, Teams/Zoom повици и слично, во кои случаи одлично ќе послужи, бидејќи е подобра од поголемиот дел лаптоп камери.

Батерија за цел ден

Батеријата е ограничена со формата на уредот и тука искуството најмногу трпи. Имено, нејзиниот капацитет е 4400 mAh, а траењето многу ќе зависи од употребата. Интензивното користење на големиот екран далеку побрзо ќе ја исцрпи батеријата. Реалното сценарио е еднодневна автономија, а за повеќе морате да биде многу штедливи. Поддржано е брзо полнење до 25W, безжично брзо полнење од 11W и реверзибилно од 4,5 W. Полнач не пристигнува во пакувањето.

Заклучок

Samsung Galaxy Z Fold 3 е иднината веќе денес. Телефон кој претставува неповторливо искуство и уверени сме дека тоа многумина нема да го разберат, па дури ни оние кои всушност би го засакале кога би му дале шанса. Пречка е и високата цена. Меѓутоа, сите оние кои ќе се охрабрат да му ја подарат својата доверба ќе доживеат неповторливо искуство на користење и фантастичен спектар на модерни технологии со многу специфично ниво на употребливост.

За оние кои сакаат нешто ново, кое инспирира напредок на мобилната индустрија: кои при излегувањето од дома секогаш се во дилема – дали да носам лаптоп или таблет бидејќи смартфонот не ми е доволен – Z Fold 3 е апсолутно совршен. Нема да ви го замени лаптопот, но ако мислите дека би требало да промените некоја линија од кодот, да прегледате excel извештај со безброј колони, на мир да погледнете некој голем pdf или ppt фајл, да извршите видео повик, да изгледате епизода од некоја серија без држење на телефонот во раце со одличен и гласен звук од солидните стерео звучници – ова е дефинитивно уред за вас.

ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ

Екрани Внатрешен: 7.6-инчи, Foldable Dynamic AMOLED 2X, 1768 x 2208пиксели, 374ppi, 120Hz, Gorilla Glass Victus

 

Надворешен: 6.2 инчи, Dynamic AMOLED 2X, 120Hz, Corning Gorilla Glass Victus, 832 x 2268 пиксели, 25:9.

 

 

 

 

Камери и видео снимање Главна: 12 MP, f/1.8, 26mm, 1/1.76″, 1.8µm, Dual Pixel PDAF, OIS

Телефото12 MP, f/2.4, 52mm, 1/3.6″, 1.0µm, PDAF, OIS, 2x оптички зум

Ултраширока12 MP, f/2.2, 123˚, 12mm (ultrawide), 1.12µm

 

Селфи камери: 4 MP, f/1.8, 2.0µm, under display и 10 MP, f/2.2, 26mm (wide), 1/3″, 1.22µm

 

Видео снимање: [email protected], [email protected]/240fps (gyro-EIS), [email protected] (gyro-EIS), HDR10+

Димензии Отворен 158.2 x 128.1 x 6.4 мм / Преклопен 158.2 x 67.1 x 14.4-16мм/ 271 гр.
Процесор и графика Qualcomm SM8350 Snapdragon 888 5G (5 nm) / Octa-core (1×2.84 GHz Kryo 680 & 3×2.42 GHz Kryo 680 & 4×1.80 GHz Kryo 680)

 

Adreno 660

Меморија 256 / 512 GB простор за складирање

12 GB RAM

SIM картичка Nano-SIM and eSIM
Батерија и полнење 4400 mAh

25W жично

11W безжично

4.5W реверзибилно безжично

Сензори Fingerprint (side-mounted), accelerometer, gyro, proximity, compass, barometer
Оперативен систем: Android 11 + One UI 3.1.1