Вработените чии канцеларии се наоѓаат во облакодерите во централниот дел на австралискиот град Бризбејн биле шокирани кога забележале како огромен авион во низок лет се приближува кон нивните згради.

На видеото што за кратко време се прошири на интернет се гледа авионот „боинг Ц-17“ на австралиското воено воздухопловство, како во низок лет над градот се приближува кон зградите, пренесува новозеладскиот портал „Њузхаб“.

Вработените гледале како авионот се приближува кон прозорците на нивните канцеларии, стравувајќи дека ќе се случи нешто слично како нападот врз кулите близначки во Њујорк од 11. септември 2001 година.

На една од објавените снимки, може да се слушне како некој панично вика „Ова мора да е шега!“

Воениот „боинг“, кој пролета покрај облакодерите, летал ниско над центарот на Бризбејн во рамките на уметничкиот фестивал „Риверфајр“, чиј крај бил означен токму со спектакуларниот лет.