Кина разви прототип на минијатурен хеликоптер за надзор на мисиите на Марс, откако нивниот роботски ровер изврши историско слетување на Црвената планета пред неколку месеци.
Според фотографијата објавена на веб-страницата на Кинеската национална вселенска агенција, прототипот изгледа слично како роботскиот хеликоптер Ingenuity, кој NASA оваа година го разви за својот ровер Perseverance.
Агенцијата соопшти дека хеликоптерот може да биде алатка за понатамошно кинеско истражување на Марс, но не даде повеќе детали, пренесуваат светските медиуми.
Во мај, Кина првпат слета на Марс со својот ровер и со тоа стана втората земја по САД што го направила тоа. Најнапредниот ровер на NASA, Perseverance слета на Црвената планета во февруари.
NASA во април потврди дека нивниот минијатурен хеликоптер, тежок 1,8 килограми, успешно го извршил својот прв лет од 40 секунди и се издигнал на висина од околу три метри, останал на место околу 30 секунди, а потоа се вратил на површината на Марс.
Ingenuity оттогаш направи повеќе од 10 екскурзии и помина растојание од над два километри со време на лет од вкупно 20 минути.