Најбогатите директори на американските компании „Биг Тек“ загубија вкупно 25 милијарди долари од богатството по продажбата на технолошки акции, покажуваат податоците на Си-Ен-Би-Си.

Акциите на технолошките компании во индексната корпа С&П 500 вчеравечер се затворија во минус од 5,8 проценти, повлекувајќи го пазарот на „црвено“.

Богатството на најбогатите во изминатите недели растеше, но драматичниот пад на цените предизвика „топење“ на нивните салда.

Акциите на „Амазон“ го завршија вчерашното тргување со пад од 4,63 проценти, со што извршниот директор Џеф Безос е „пократок“ за девет милијарди долари.

Директорот на „Тесла“, Илон Маск исто така загуби девет милијарди долари, откако неговите акции паднаа за 9,02 проценти, додека извршниот директор на Фејсбук, Марк Цукерберг загуби четири милијарди долари, со пад на акциите од 3,76 проценти.

Богатството на поранешниот прв човек на Мајкрософт, Бил Гејтс се намали за три милијарди долари, бидејќи акциите на компанијата паднаа за 6,19 проценти, наведува Си-Ен-Би-Си.