Компанијата-мајка на Google, Alphabet ќе го забележи најдолгиот период на раст на цената на акциите од 2009 година, пред се поради зголемен раст на приходите од реклама.

Вредноста на акциите синоќа порасна за 0,4 отсто до 2.891 американски долари, највисока вредност досега. Така, вкупниот раст на акциите за август надмина 7 проценти. Alphabet ќе запише осми месец по ред раст на акциите – најдолг раст во последните 12 години.

Најновото зголемување на вредноста на акциите донесе 65 отсто поврат за 2021 година, што ја става компанијата пред другите технолошки лидери. По последното зголемување на цената, капитализацијата на Alphabet се приближува до два трилиони долари и само Apple и Microsoft се поскапи од неа.

Матичната компанија на Google успеа да го искористи закрепнувањето на пазарот за дигитални реклами. Во текот на минатиот месец, објави подобри резултати од очекуваните за вториот квартал од 2021 година.