Во неколку словенечки градови наскоро ќе бидат поставени иновативно дизајнирани пешачки премини, кои создаваат илузија за тродимензионалност и на возачите им личат на физички пречки, па тие автоматски сопираат пред нив, а целта на акцијата е да се зголеми безбедноста на пешаците во сообраќајот.

Според Хина, првите два такви „лебдечки“ пешачки премини, односно „3D зебри“ ќе добијат Велење во градскиот округ каде има неколку училишта, следната недела тие ќе бидат поставени во Птуј, а во неделата на мобилност, што се слави од 16 до 22 септември и во Љубљана, пишуваат словенечките медиуми.

„Горди сме што сме првата општина што го прифати ова решение и сигурни сме дека децата ќе бидат побезбедни поради ваквите пешачки премини“, вели градоначалникот на Велење, Петер Дермол, за Словенечката телевизија.

Иницијативата за воведување на вакви премини е иницирана, во соработка со локалните заедници и здруженија за безбедност во сообраќајот, од страна на осигурителна компанија.

Идејата за тродимензионални зебри во Европа потекнува од Исланд, каде се појавија првите вакви пешачки премини во 2017 година, но не е прифатена насекаде. Во неколку германски градови, таквото решение беше отфрлено, бидејќи не е во согласност со прописите.

Во Сараево беа поставени неколку „лебдечки зебри“ пред две години, но градските власти наскоро се откажаа од нив, враќајќи се на класичното решение за пешачките премини.

Извор: Додај Гас