Полно кесиче „Стоби флипс“ деновиве беше испратено во стратосферата, на 36 километри над површината на Земјата. Со тоа, познатите „Стоби Флипс“ на компанијата „Витаминка“ станаа прв македонски бренд што се вивнал толку високо кон вселената.

Пакувањето било лансирано од Германија, со метеоролошки балон, а целиот потфат бил снимен со камерa. Од снимките се гледа како балонот што го носеше кесичето „Стоби флипс“ достигнува височина од 36 километри и 131 метар.

Лансирањето е направено по повод 40 години од почетокот на производството на овој познат македонски бренд. Од „Витаминка“ велат дека со тоа ја достигнале целта, познатиот производ да биде присутен насекаде низ државите и во просторот.

„На планетата практично и нема простор каде ‘Стоби Флипс’ не е присутен, а сега стана и првиот македонски бренд којшто ја освои и вселената. Сега навистина можеме да кажеме дека ‘Стоби Флипс го има насекаде и преостанува во иднина да ги одржуваме високите стандарди за квалитетот на овој производ што самите ги поставивме“, се вели во изјава од Владимир Трпаноски, Комерцијален директор на „Витаминка“.

Лансирањето на „Стоби Флипс“ беше организирано од агенцијата „Дивижн“ (Division).