Испраќањето на американски астронаути на Месечината до 2024 година е неизводливо поради значителни одложувања во развојот на вселенските костими, соопшти генералниот инспектор на NASA, Пол К. Мартин, во новиот извештај.
Иако NASA потроши повеќе од милијарда американски долари за вселенските костими од „следната генерација“, Мартин заклучи дека „костимите нема да бидат подготвени за летање најрано до април 2025 година“ и дека се „години далеку од готови“. Целта за слетување на првата жена и следниот маж на Месечината првично беше поставена од Администрацијата на Трамп за 2028 година, а потоа тоа се премести за ноември 2024 година. Администрацијата на Бајден го одобри тоа, а ја додаде во барањето и првата „небела“ личност – како патник на Месечината.
Извештајот го припишува одложувањето на недостатокот на средства, влијанијата на Ковид-19 и технички предизвици. Во мигов има 27 различни компании кои обезбедуваат различни компоненти за костими, па Елон Маск од SpaceX на Твитер рече дека овој потфат изгледа „како да има премногу готвачи во кујната“, додавајќи дека неговата компанија „може да го стори тоа доколку е потребно“.
Актуелниот администратор на NASA, Бил Нелсон зборуваше за (не)подготвеноста за 2024 година во неодамнешно интервју за Си-ен-ен.
– Јас сум трезвено реален. Целта е 2024 година, иако ќе биде тешко. Има фактор број 1, а тоа е безбедноста, и ги вклучува луѓето. Може да има одложувања, но целта е крајот на 2024 година, рече тој.
SpaceX доби договор од NASA во вредност од 2,9 милијарди долари во април – за развој на програмата „Артемида“, за слетување на Месечината. Меѓутоа, реализацијата на овој договор е одложена поради жалбите на два конкурента – „Блу ориџин“ и „Дајнетикс“. Генералниот инспектор рече дека и тоа влијае на одложувањето.
Инаку, од NASA ја развиваат таа технологија веќе 14 години.