Јапонците не веруваат дека дизелите го кажале последниот збор

Според најновите вести кои доаѓаат од Далечниот Исток, Toyota планира да создаде хибриден погон кој би користел дизел мотор како мотор со внатрешно согорување.

Генерално, хибридните автомобили со дизел мотори се многу ретка појава. Достапни се од Audi и Mercedes, но и таму се на работ на опстанок, иако, на пример, новата генерација на С-класата се нуди и во plug-in хибридно издание со дизел мотор.

Шпекулациите кои допираат од Јапонија наведуваат дека Toyota започнала долг процес за создавање на нов дизел мотор кој ќе опфаќа електрификација, поточно ќе биде дел од хибриден погон.

Toyota, наводно, планира да го задржи овој нов погон во употреба и во следната деценија и првенствено ќе го користи кај „теренци“, како и комерцијални возила од оваа марка. Така, моделите како Land Cruiser и Hiace би можеле да добијат хибрид како овој.

Како потсетување, сегашниот Land Cruiser во голема мера се потпира на дизел мотори, како и гореспоменатиот Hiace. Затоа, таквите гласини лесно можат да се засноваат на точни податоци кои многу веројатно доаѓаат од самата Toyota.

Извор: Додај Гас