Xiaomi официјално потврди дека Mi Mix 4 ќе биде претставен на 10. август во Кина. Компанијата објави тизер фотографија за телефонот на својата Weibo страница.
Тизерот не открива премногу и не вклучува фотографии од хардверот. Сепак, претходниот TENAA листинг покажа дека уредот има ознака на модел 2106118C, а пристигнува со 8GB/12GB RAM и до 256GB простор за складирање податоци.
Покрај тоа, дојавувачот Digital Chat Station објави видео кое наводно го прикажува дисплеј панелот за Mi Mix 4. Панелот во целост е осветлен пред да се исклучи, откривајќи го отворот за камерата која ќе биде сместена под екранот.
Минатата недела, Xiaomi потврди дека Mi Mix 4 ќе го користи MIUI 12.5 од самиот старт. Телефонот би можел да го покренува Snapdragon 888 чипсет, а се очекува дека ќе поддржува 120W полнење на батеријата.