Милијардерот Џеф Безос успешно полета и престојуваше во Вселената, со првиот свој лет преку неговата компанија Blue Origin. Слетувањето по првиот нивен лет со човечки екипаж, мина без никакви проблеми.

Летот до Вселената траеше 11 минути. Меѓу астронаутите е и братот на Џеф, Марк Безос. Посадата ја сочинуваа и американската авијатичарска ветеранка Воли Фанк, која е во своето деветто десетлетие од животот, како и 18-годишниот Оливер Дајмен.

New Shepard беше лансиран во 15:00 часот по македонско време, од космодромот „Лонч сајт уан“, во западен Тексас.

Пред само десетина дена, еден друг милијардер и соперник на Безос во трката за вселенскиот туризам – основачот на Virgin Galactic, Британецот Ричард Бренсон го имаше своето успешно „огнено крштевање“ во Вселената. Сепак, целите на Blue Origin се поамбициозни – во однос на височината до која ќе се издигне леталото New Shepard на Безос, но и во однос на идните планови.

Безос ја основа вселенската агенција во 2000 година, со цел еден ден да се изградат вселенски колонии со вештачка гравитација во коишто луѓе ќе работат и живеат. Компанијата денес работи и на орбиталната ракета New Glen чија цел е слетување на Месечината.