Џеф Безос, најбогатиот човек на светот, утре рано наутро ќе му се приклучи на „клубот на астронаути“, со првиот свој лет преку неговата компанија Blue Origin.
Само две недели претходно, еден друг милијардер – основачот на Virgin Galactic, Ричард Бренсон го имаше своето „огнено крштевање“ во вселената. Сепак, целите на Blue Origin се поамбициозни – во однос на височината до која ќе се издигне леталото New Shepard на Безос, но и во однос на иднината.
Имено, Безос ја основа вселенската агенција во 2000 година, со цел еден ден да се изградат вселенски колонии со вештачка гравитација во кои ќе работат и живеат милиони луѓе. Денеска, компанијата работи и на орбиталната ракета New Glen чија цел е слетување на Месечината.
„Тие имаа 15 успешни летови без екипаж со New Shepard и со години чекавме да видиме кога луѓето ќе почнат да одат во Вселената… Ова се „возбудливи времиња“ за ентузијастите!, изјави Лора Форчик, основачка на вселенската консултантска куќа „Астралитикал“.
New Shepard ќе биде лансиран во 3 часот по средноевропско време, на 20 јули од космодромот „Лонч сајт уан“, во западен Тексас. Пустинското место на полетувањето е на околу 40 километри од најблискиот град Ван Хорн.