Смартфоните на Google од семејството Pixel отсекогаш можеле да креираат квалитетни фотографии, но воглавно поради софтверската магија, бидејќи хардверот заостануваше зад конкуренцијата. Но, тоа наскоро ќе се промени.

Претстојниот Pixel 6 XL, кој би можел да го носи името Pixel 6 Pro, според најавите би требало да има моќна камера. Во најновото ажурирање за апликацијата Google Camera  се крие поимот „ултрателе“ зумирање, како и 5x зумирање. Кодот откри и дека Google може да користи перископски леќи за својата телефото камера.

Претходниот извештај на дојавувачот Џон Просер вели дека Pixel 6 XL ќе има три задни камери, 50 MP широкa, 48 MP телефото и 12 MP ултра широкa.

Google Pixel 4 и 5 имаат две задни камери, а доколку Proser е во право, Pixel 6 XL ќе стане првиот паметен телефон на Google со три задни камери. Помалиот Pixel 6 веројатно ќе има само две камери на задната страна.

Подобрувањата можеби не звучат посебно возбудливо во време кога скоро секој флегшип уред на Android има камери со голем број мегапиксели, но секако е позитивно да се види дека Google воведува и нов хардвер.

Android Authority истакнува дека Super Res Zoom технологијата на Google и дозволи на компанијата да го зголеми 2x телефото сензорот на Pixel 5 на 8x зумирање со пристоен квалитет. Super Res Zoom во комбинација со перископ камера би можел да овозможи 10x хибриден зум или подобро.

Google се очекува да ги претстави новите Pixel телефони во септември и октомври.

Google Pixel 6 најверојатно ќе има 6,4-инчен AMOLED екран, 8 GB RAM, 128 или 256 GB внатрешна меморија и батерија од 4,614 mAh.

Што се однесува до Google Pixel 6 XL (Pro), уредот ќе користи 6,71 инчен AMOLED екран, 12 GB RAM, 128, 256 или 512 GB внатрешна меморија и батерија од 5000 mAh.