Онлајн купувачите ширум светот утрово пријавија проблеми со пристапот до мрежните продавници на платформата Amazon, а компанијата објави дека во меѓувреме го решиле проблемот.
Според веб-страницата „Даун Детектор“, онлајн услугите на „Амазон“ биле прекинати скоро два часа, а повеќе од 38.000 корисници објавија дека имаат проблеми со пристапот до онлајн продавниците на Amazon, пренесува „Ројтерс“.
Проблемот првпат се манифестираше минатата ноќ во САД, а утрово во поголемиот дел од остатокот на светот.
„ Некои клиенти можеби имале привремени проблеми при купувањето. Го решивме проблемот и сега сè се одвива нормално“ – рече портпаролот на Amazon, но тој одби да ја коментира причината за прекинот.
Ова е второ големо нарушување во функционирањето на оваа платформа за купување преку Интернет од крајот на јуни, кога корисниците исто така за кратко имаа проблем со пристапот до услугите.
Поврзани артикли