Нетфликс и Мајкрософт одлучија да се здружат за да понудат поевтин план за претплата на корисниците на кои ќе им се прикажуваат огласи и реклами.

Нетфликс соопшти дека го избрал Мајкрософт за свој глобален партнер за рекламна технологија и продажба за да воведе „план за претплата со пониска цена што вклучува огласи“.

„Мајкрософт има докажана способност да ги поддржи сите наши потреби за огласување додека работиме заедно за да изградиме нова понуда поддржана од реклами“, рече главниот оперативен директор на Нетфликс, Грег Питерс во соопштението.

Гигантот за стриминг вели дека услугата ќе биде „дополнување“ на неговите постоечки планови, кои не вклучуваат реклами, пренесува Би-Би-Си.

Во април, акциите на Нетфликс паднаа откако компанијата ја пријави првата загуба на претплатници по повеќе од една деценија.

Минатиот месец, ко-извршниот директор Тед Сарандос рече дека компанијата е во разговори со други бизниси за да изнајдат начини да се привлече публика чувствителна на цени.

Нетфликс никогаш не сакал реклами, а целиот негов бизнис модел е изграден околу месечни претплати.

Сепак, менаџерите мораа да ги променат правилата. Компанијата губи претплатници, а поради кризата во светот домаќинствата сметаат дека откажувањето на претплатата е заштеда. Затоа создадоа поевтина услуга – со реклами – за која велат дека ќе биде воведена подоцна оваа година.