Во овој момент нема премногу телефони со 1TB простор за складирање на податоци. Максималниот капацитет на внатрешна меморија, во најголема мерка, изнесува 512 GB. Се разбира, некои телефони нудат проширување преку слотови за microSD картички.

Имаше гласини дека iPhone 13 линијата  може да вклучува модел со 1TB простор, но неодамнешниот извештај на TrendForce сугерира дека тоа сепак нема да се случи. Во извештајот се истакнува дека iPhone 13 ќе има максимум 512 GB простор за складирање, исто како и iPhone 12.

Тоа значи дека доколку корисниците сакаат iPhone со изворен 1TB простор, ќе мора да бидат трпеливи најрано до 2022 година, доколку и тогаш биде претставен модел со споменатиот капацитет на интерна меморија.

Јасно е зошто се зголемуваат големините и капацитетите на просторот за складирање. Нашите медиумски фајлови стануваат сè поголеми поради повисокиот квалитет на камерите на уредите, кои можат да создаваат фотографии и видео со висока резолуција. Смартфоните стануваат и помоќни, пристигнуваат со со поддршка за игри со поголем капацитет, што повлекува и потреба од повеќе простор за инсталирање на ваква содржина.

Секако, зголемувањето на просторот за складирање влијае и на цената на уредот, па секако се очекува дека iPhone со 1TB меморија ќе има и многу повисока цена.