Тимот кој стои зад сателитската интернет мрежа Starlink која припаѓа на компанијата SpaceX започна преговори со неколку авиокомпании со цел да се воведе побрз интернет во нивните авиони.

Ширењето на Starlink од домовите во руралните средини на авиоиндустријата е очекуван чекор на компанијата SpaceX и нејзиниот директор Eлон Маск.

„Разговаравме со неколку авиокомпании. Имаме наш производ за авијација кој е во фаза на развој. Веќе направивме неколку демонстрации, а сега се обидуваме да го финализираме производот и да го интегрираме во авионите во блиска иднина“, рече потпретседателот на Starlink, Џонатан Хофелер.

SpaceX досега лансираше околу 1.800 Starlink сателити, а потребни се околу 4.400 да воспостави глобална покриеност со интернет за домовите во руралните подрачја каде не е достапна стандардната конекција.

Starlink во бета фаза ветува download од 100 Mbps и upload од 20 Mbps, а веќе има илјада корисници. Повеќето плаќаат 99 долари месечно.

Хофелер рече дека антените за авиони ќе бидат слични на технологијата на терминалите, но со очигледни подобрувања.