Познатиот кинески проект за нуклеарна фузија – „вештачко сонце“ успеало да ја одржи температурата на плазмата на 160 милиони Целзиусови степени за 20 секунди.
Кинеските медиуми известуваат и дека истражувачите кои работат на проектот за нуклеарна фузија успеале да ја одржат плазмата на температура од 120 милиони Целзиусови степени речиси две минути, поточно 101 секунда.
„Ова се моментални рекорди, а следниот чекор би бил одржување на овие температури дури една недела“, наведува професорот по физика Ли Миао од Јужниот универзитет за наука и технологија во Шенжен, пренесува кинескиот „Глобал тајмс“.
Кинескиот реактор за нуклеарна фузија за првпат се појави на насловните страници во 2019 година, кога Пекинг објави дека наскоро ќе започне со работа.
Реакторот „HL-2M Tokamak“ за првпат беше покренат кон крајот на минатата година, а неговото прво достигнување беше одржување на температурата на плазмата на 100 милиони Целзиусови степени во рок од 100 секунди.
Тој е направен со цел е да ги имитира природните реакции кои се јавуваат на Сонцето, користејќи водород и деутериум како гориво.
Сместен е во југозападната кинеска провинција Сечуан и е завршен кон крајот на минатата година.
Реакторот често се нарекува „вештачко сонце“ поради огромната топлина и сила кои ги произведува. „HL-2M Tokamak“ користи моќно магнетно поле за спојување на топла плазма и може да достигне температура од над 150 милиони Целзиусови степени, што е приближно 10 пати потопло од јадрото на Сонцето.
Процесот на нуклеарна фузија може да биде иднината на производството на енергија, но неговото функционирање е голем предизвик. Иако самиот процес на фузија е можен, тој троши повеќе енергија отколку што ослободува, што е спротивно на целта, пренесува „РТ“.
Предностите на успехот на нуклеарната фузија се големи доколку се постигне целта – исклучително моќна енергија која се произведува евтино, без емисии и е практично неограничена. Целиот процес зад себе не остава радиоактивен отпад, што ја приближува оваа технологија до совршениот извор на енергија.
Извор: Kurir.rs