Во Русија почна вакцинацијата против коронавирус на животни, изјави советникот на директорката на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор, Јулија Мелано.

Таа прецизира дека вакцинацијата на домашни миленици почна во неколку руски области.

„Првите испораки на единствената вакцина против коронавирус за животни во светот, „карнивак-ков“, која ја развија руски научници, пристигнаа во руските градови со цел да се спречи ширењето на инфекцијата кај животните“, рече Мелано, пренесува ТАСС.

„Карнивак-ков“ е единствената регистрирана вакцина против Ковид-19 за животни во светот.

Подготовката е развиена од Федералниот центар за здравје на животните и Федералната служба за ветеринарна и фитосанитарна супервизија, а е регистрирана на 31 март.

Клиничките испитувања, кои почнаа во октомври минатата година, беа извршени врз кучиња, мачки, лисици, визони и други животни.

Извор: Макфакс