Во последно време имаше многу официјални и неофицијални информации за оперативниот систем на Huawei – HarmonyOS, а сега е познато дека ќе биде претставен на 2. јуни.
Барем така тврдат изворите кои ја открија информацијата за HuaweiCentral, а објавен е и промотивен постер поврзан со настанот.
На истиот настан ќе бидат претставени два нови уреда, а тоа се Huawei MatePad Pro 2 таблетот и Huawei Watch 3 паметниот часовник, кои доаѓаат за делумно да помогнат во лансирањето на подобрена верзија на оперативниот систем, која технички е HarmonyOS 2.0.
Сè добро се вклопува со претходните гласини, а на HarmonyOS 2.0 програмата ќе и се приклучат и постарите уреди, вклучувајќи ја и Huawei Mate 40 серијата.
Како што е познато, HarmonyOS е веќе присутен и се користи за некои IoT и ТВ уреди, но сега пристигнува на мобилните телефони и таблети како вистински ривал на Android развиен од Google.
Откако САД воведе санкции и забрани деловни активности меѓу Huawei и американските компании како Google, уредите како Huawei P40 пристигнуваа со „соголена верзија“ на Android, без никакви апликации на Google и Google Play Store продавницата.
Овие софтверски недостатоци беа хендикеп за одличен хардвер, но HuaweiOS 2.0 би требало да означи почеток на ново поглавје во приказната на Huawei, дури и ако достапноста на апликации продолжи да претставува проблем, сè додека Huawei не ги убеди големите програмери да ги префрлат своите апликации на новиот оперативен систем.