Најновото истражување на Здравствениот институт на Англија покажа дека вакцините на компаниите АстраЗенека и Фајзер се ефикасни во заштитата на луѓето од индиската мутација на коронавирусот.

Анализата спроведена меѓу 5 април и 16 мај покажа дека вакцините на Фајзер се 88% ефикасни во случај на индискиот вид коронавирус две недели по земањето на втората доза. Од друга страна, против британскиот вид коронавирус, вакцините на Фајзер покажаа ефикасност од 93%.

Научниците ја испитале и ефикасноста на вакцината на АстраЗенека врз индискиот вид коронавирус. Според студијата, АстраЗенека покажала ефикасност од 60% кога станува збор за индискиот вид коронавирус, што е за 6% помалку од заштитата што вакцината ја обезбедува од британскиот вид.

Според британски Guardian, причината поради која постои разлика во ефикасноста меѓу двете вакцини може да биде што на вакцината на АстраЗенека и треба малку подолг период за да достигне максимална ефикасност. После тоа, вакцината, според научниците, обезбедува значително подолга заштита од коронавирусот.

„Сега е сосема јасно зошто е важна втората доза на вакцината за да се обезбеди најсилна заштита од коронавирус и сите негови варијанти“, рече британскиот министер за здравство Мет Хенкок.

Со оглед на заштитата што вакцините ја даваат од различни варијанти на коронавирус, истражувачите истакнаа дека очекуваат вакцината да достигне максимална ефикасност и кога станува збор за намалување на бројот на хоспитализации и смртни случаи.

„Студијата покажа дека вакцините обезбедуваат високо ниво на заштита од симптоматски случаи на зараза со индиската мутација на коронавирусот. Очекуваме да обезбедат истата заштита со цел да се намали бројот на смртни случаи и хоспитализации поради зараза со коронавирусот“, рече шефот на одделот за имунизација во Здравствениот институт на Англија.

Од почетокот на процесот на вакцинација во Англија, спроведени се неколку студии за анализа на ефикасноста на вакцините во борбата против коронавирусот.

Според овие податоци, програмата за вакцинација во Англија досега спречила повеќе од 13.000 смртни случаи од коронавирус, како и најмалку 39.100 хоспитализации, особено на постари лица.