Месото одгледано во лабораторија, кое за првпат беше понудено во облик на хамбургер по цена од 250.000 евра, во наредните две години би можело да пристигне во вашата чинија по цена од „само“ девет евра.

Потрошувачите кои се загрижени за климатските промени, здравјето на животните и сопственото здравје, се силно заинтересирани за т.н. „чисто месо“, а бројот на новоосновани компании кои се занимаваат со производство на истото порасна од четири во 2016 година до 24 компании само две години подоцна.

Холанѓанецот Марк Пост, коосновачот на компанијата Mosa Meat, во 2013 година за првпат „одгледа“ говедски хамбургер кој чинеше 250.000 евра. Во кофинансирањето учествуваше и еден од основачите на Google, Сергеј Брин. Mosa Meat и шпанскиот Biotech Meats истакнуваат дека трошоците за производство оттогаш значително опаднале.

„Првиот хамбургер од 2013 година беше толку скап бидејќи се работеше за комплетно нова наука. Тогаш произведувавме мали количини, но кога ќе почнеме со масовно производство, планираме цената на хамбургерот да биде околу девет евра“, рече портпаролката на Mosa Meat, додавајќи дека во некоја идеална иднина хамбургерот од лабораторија би бил не само поздрав, туку и поевтин од конвенционалниот.

Мерцедес Виља, коосновачката на Biotech Foods, ја истакна важноста на преминувањето од лабораториско на индустриско производство.

„Нашата цел е да дојдеме до степен на комерцијални производи и да добиеме одобрувања за сериско производство до 2012 година“, изјави таа.

Виља вели дека цената за производство на само еден килограм лабораториско месо изнесува околу 100 евра, што е значајно помалку од цената од 750 евра од пред само една година.

За да може да се одгледува месо во лабораториски услови, матичните ќлетки извадени од животните се ставаат во медиј за раст, кој потоа се става во биореактор сличен на оној каков што се користи за ферментација на пиво или јогурт, кој го поддржува растот на влакната и мускулното ткиво.

Извор: B92.net