Во Шпанија е воведено ограничување на брзината од 30 км/ч на сите градски улици со две ленти (по една во секоја насока), додека ограничувањето е уште поригорозно во некои стари градови, каде што граница е само 20 км/ч.

На прекршителите на регулативата им се закануваат казни со сериозни износи, со напомена дека од туристите исто така се очекува строго да ги почитуваат новите законски прописи.

Со воведување на максимална брзина од само 30 км/ч на повеќето градски улици, шпанските власти сметаат дека воглавно ќе го решат проблемот со фаталните исходи од сообраќајните несреќи во урбаните области.

Старото ограничување на брзината на возилата од 50 км/ч, преживеало само по широките булевари и патишта кои нудат по две или повеќе ленти во секоја насока. Локалниот весник La Vanguardia пренесува дека, на пример во Барселона, сега на 75 проценти од градските патишта, лимитот е 30 км/ч.

Оние кои ќе бидат фатени со поголема брзина се соочуваат со парична казна од 100 до 600 евра, со придружни шест до максимални осум казнени поени, според сообраќајните прописи и казнената политика во земјата. Осум поени  автоматски значи и останување без дозвола. Туристите мора да бидат внимателни затоа што казните се однесуваат и на нив.

Сепак, се поставува прашањето за можноста за контрола на оваа регулатива, со оглед на тоа дека досега инсталираните радари се претежно на автопатиштата.

Како пример, во текот на 2019 година, на шпанските улици животот го загубиле вкупно 509 лица. Со новите регулативи, одговорните сметаат дека ризикот од смрт на пешаците на улиците е намален за дури 80 проценти.