Оваа недела, низа гласини сугерираат дека верзијата на MacBook Pro лаптопот за 2021 година ќе врати некои одамна загубени функции кои многу ги сакаа. Зборуваме за фактот дека MacBook Pro порано доаѓаше со повеќе различни портови: USB, HDMI, приклучок за слушалки и SD-картичка. Најновото протекување информации за следната MacBook Pro открива дека би можеле да вратиме барем некои од тие функции, подоцна во текот на годината.

Според најновите протечени информации, големи се шансите да добиеме HDMI порт со целосна големина, MagSafe приклучок за полнење, USB-C / Thunderbolt портови и слот за SD картичка. Исто така, се сугерира дека Touch Bar нема да биде вклучен во најмалку една верзија на најновиот MacBook Pro. Веќе некое време знаеме и дека новите лаптоп модели ќе поседуваат Mini-LED дисплеи, слично како кај неодамна претставениот iPad Pro со M1 чип.

Ако се вратиме на она што го предвиде аналитичарот на Apple, Минг-Чи Куо на почетокот на оваа година, Apple за оваа година планира да претстави нови 14 и 16-инчни MacBook Pro модели со HDMI излез и читач за SD картички. Во откриените фајлови што протекоа минатиот месец, следниот MacBook Pro е прикажан со 3x USB-C портови, Touch-ID (во горниот десен агол на тастатурата), HDMI приклучок со целосна големина, Magsafe конектор за полнење и 3,5 милиметарски влез за слушалки.

Останува да се види дали новите лаптопи со 14 и 16-инчни дисплеи ќе се појават наесен оваа година, или тоа е можно да се случи и претходно.