Прво правило – возете смирено, бидејќи агресивното возење не само што е опасно, значи и поголема потрошувачка на гориво. Нагло забрзување, често менување ленти и остро запирање, па повторно забрзување, според пресметките на американското Министерство за енергија може да ја зголеми потрошувачката на гориво и за 33 проценти. Со мирно возење помалку ги трошите гумите, моторот и сопирачките и можете да поминете повеќе километри со еден резервоар.
Не заборавајте да го одржувате возилото. Игнорирањето на малите работи и сигнали, може да доведе до поголеми и поскапи проблеми на долг рок. Редовно сервисирање ќе ви заштеди и пари и нервози, во случај на несакан дефект на отворен пат.
Секако дека не може сами да го поправате автомобилот, но можете многу да заштедите со навремено реагирање, ако ги следите првичните сигнали – како некои звуци од моторот или чкрипење при кочење. Слушајте ги сигналите од возилото и истражете на интернет, што може да е причина за тоа, можеби ќе успеете нешто и сами да решите.
Работи што можете лесно сами да ги направите се проверка и замена на прегорени светилки, проверка на притисокот и истрошеноста на пневматиците, проверка на течностите во моторот или некое истекување под него, како и замена на истрошени бришачи, акумулатор или филтри.