SpaceX утре ќе однесе четворица астронаути на Меѓународната вселенска станица (ISS), втора ваква мисија откако САД ги продолжија летовите кон ISS и прва во која учествува еден Европеец.

Лансирањето е закажано за 12 часот и 11 минути по средноевропско време од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида.

Во вселенското летало Crew Dragon ќе бидат американските астронаути Шејн Кимброу и Меган Мекартур, нивниот јапонски колега Акихико Хошиде и астронаутот на Европската вселенска агенција (ESA), Томас Пескет. Сите веќе беа во вселената.

ESA ја нарече мисијата Алфа според ѕвездениот систем Алфа Кентаури, кој е најблизу до Сончевиот систем.

Компанијата на Елон Маск, SpaceX стана омилен превозник на NASA, откако Boeing доцнеше со тестирање на својата вселенска капсула Старлинер.

Првиот лет со екипажот на SpaceX во мај 2020 година стави крај на деветгодишната американска зависност од руски ракети за транспорт до ISS.

Утре повторно ќе се користи истата ракета како и минатиот мај, а капсулата Crew Dragon ќе биде истата што се користеше во пробните летови.

„Многу ни значи како агенција затоа што сме дел од програмата ISS веќе 20 години и имаме намера да бидеме дел од следната“, рече францускиот астронаут, осврнувајќи се на можниот лет кон Месечината.

Пескет рече дека е возбуден што лета во футуристичкиот и целосно автономен Crew Dragon, што е значително различно од рускиот Сојуз со кој претходно леташе.