Компанијата Facebook соопшти дека ја остварила својата цел и дека своите глобални операции ги извршува користејќи само обновлива енергија.
Откако е постигната оваа голема и важна цел, Facebook планира да ја прошири на целиот свој синџир до 2030 година, а во него спаѓаат снабдувачите и деловните активности како што се патувањата и превоз на вработените.
Facebook во 2018 година го објави својот план за целосно искористување на обновливите извори на енергија, за да се обиде да го ублажи влијанието врз животната средина, во време на глобалните напори за борба против климатските промени. Две години претходно, 143 земји го потпишаа Парискиот договор за климатски промени, а кој подразбира одржување на глобалната температура под два степени над прединдустриските нивоа, а идеално е 1,5 степени.
Компаниите Google, Microsoft, Apple и Amazon, исто така, имаат еколошки цели и вложиле милијарди за набавка на обновлива енергија, за да се намали емисијата на штетни гасови.
Facebook инвестираше осум милијарди долари во проекти за зелена енергија, вклучувајќи 63 нови фарми со ветерници и соларни централи. Компанијата има договори за повеќе од 6 GW енергија, што е нешто помалку во однос на 6,5 GW во случајот на Amazon, кој е најголемиот купувач на обновливи извори на енергија во светот.