Sony го одржа својот Xperia настан, во текот на кој компанијата претстави три нови телефони, од кои два се премиум модели – Xperia 1 III и Xperia 5 III. Третиот смартфон е Xperia 10 III од средниот сегмент, кој има послаб процесор и поевтина цена.

Xperia 1 III има дизајн речиси идентичен како неговиот претходник, со изработка од стакло и метална конструкција и IP68 сертификат за отпорност на вода и прашина. Sony се одлучи за финиш што ги крие дамките од отпечатоци, а оние кои не ја сакаат Frosted Black бојата ги имаат и Frosted Gray и Frosted Purple опциите.

Кога станува збор за спецификациите, Xperia 1 III користи Qualcomm Snapdragon 888 чипсет, во комбинација со 12GB RAM и 128GB простор за складирање, што може да се прошири преку слот за microSD картичка. Присутен е и 3.5 мм приклучок за слушалки. Дисплејот од 6,5 инчи е OLED тип и има 4K резолуција, стапка на освежување од 120Hz и Gorilla Glass Victus заштита. Xperia 1 III го задржува познатиот 21:9 сооднос на страни. 

На полето на камери, телефонот има три сензори од 12MP. Главната камера има OIS поддршка, f/1.7 објектив и поддршка за 4K видео снимање @120fps. Останатите камери се 12MP ултраширока (f/2.2) и 12MP телефото, а присутен е и 3D ToF сензор. На предната страна има селфи камера од 8MP.

Sony го опреми телефонот со стерео звучници, поддршка за 360 Reality Audio технологијата, а тука се и Dolby Atmos и Hi-Res Audio. Xperia 1 III може да се поврзе и со Dual Shock 4 контролерот. Смартфонот го напојува батерија од 4500mAh, со поддршка за 30W брзо полнење, а има и поддршка за Qi безжично и обратно безжично полнење. Присутна е и  поддршка за sub-6GHz 5G мрежи, додека сензорот за отпечатоци се наоѓа во копчето за вклучување.

Моделот Xperia 5 III во некои елементи се разликува Xperia 1 III. Екранот е со големина од 6,1 инчи и има FHD+ резолуција, со брзина на освежување од 120Hz.

Останатите главни спецификации останаа слични, со Qualcomm Snapdragon 888 чипсет, нешто помалку RAM меморија (8 GB) и 128 GB/256 GB простор. Батеријата од 4500mAh во овој модел не поддржува безжично Qi полнење.

Кога станува збор за камерите, постојат се три модули од 12MP со широк, ултра-широк и телефото сензор. На предната страна има селфи камера од 8MP. Xperia 5 III е достапен во црна, зелена и розова боја.