Иако кинеската компанија негираше развој на ваков проект, се чини дека се само прашање на денови кога нејзиниот електричен автомобил ќе биде претставен пред јавноста.
Тизерот кој Huawei го објави на кинеската социјална мрежа Weibo, го потврдува првиот електричен автомобил од оваа марка, најавен за 17 април. Иако не се објавени официјални информации, неколку податоци преку неофицијални канали сепак се најдоа на интернет.
Како прво, новиот автомобил, за кој некои велат дека ќе биде лансиран под марката Huawei, што е помалку веројатно, е создаден како дел од соработката со Arcfox, филијала на кинескиот автомобилски гигант BAIC. Возилото ќе го носи името Arcfox Alpha S HBT, каде што HBT значи „Huawei Bluepark Together“ и целосно ќе се потпира на софтвер и услуги развиени од кинеската технолошка компанија.
Основата на сè ќе биде Harmony OS, оперативен систем базиран на Android, кој Huawei го разви како алтернатива на системот на Google и кој во меѓувреме еволуираше, вклучувајќи дополнителни категории на производи, не само паметни телефони.
Првиот автомобил на Huawei ќе понуди ниво 3 на автономно возење и ќе вклучува 5G конекција, што не е изненадувачко само по себе, бидејќи кинеската компанија е лидер кога станува збор за испорака на овој нов стандард.
Судејќи според приложениот тизер, станува збор за лимузина, а претставници на компанијата тврдат дека ќе пристигне во форма на луксузен модел, со исклучиво електричен погон.
Останува да се види дали автомобилските амбиции на Huawei се насочени кон поширока територија од кинескиот пазар. Сепак, со оглед на санкциите со кои се соочува компанијата во САД, меѓународната премиера би можела да почека.
Комплетните детали ќе бидат познати оваа недела по премиерата на автомобилот во Кина.
Извор: Додај Гас