Археолозите го поздравија откритието, за кое се верува дека е најголемиот антички град некогаш пронајден во Египет, а кој бил закопан под песок илјадници години.
Експертите тврдат дека ова е едно од најважните откритија по ископувањето на гробот на Тутанкамон, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Добро познатиот египтолог Захи Хавас го обелодени откритието на „изгубениот златен град“, наведувајќи дека ова место е откриено во близина на Луксор, каде што се наоѓа Долината на кралевите.
„Египетската мисија, предводена од д-р Захи Хавас, го најде градот изгубен под песок. Градот е стар 3.000 години, датира уште од времето на владеењето на Аменхотеп III, а Тутанкамон и Аj продолжиле да го користат”, соопшти тимот на археолози кажа.
Откритието го нарече најголемиот антички град, познат под името Атон, кој некогаш е откриен во Египет.
Бетси Брајан, професор по египетска уметност и археологија на Универзитетот Џон Хопкинс, рече дека ова откритие е „второто најважно археолошко откритие од гробот на Тутанкамон“.
Откриени се предмети од накит, како прстени, заедно со обоени керамички садови, амајлии во облик на скараба, и тули од кал, со ознаки на Аменхотеп III.
„Многу странски мисии го бараа овој град и никогаш не го најдоа“, рече Хавас, кој исто така е поранешен министер за антиквитети.
Тимот започна со ископувања во септември 2020 година, помеѓу храмовите Рамзес III и Аменхотеп III во близина на Луксор, 500 км јужно од главниот град Каиро.
Тимот археолози исто така изразија оптимизам во врска со понатамошните важни откритија, истакнувајќи дека биле откриени групи гробници преку „скалила издлабени во карпа“, што е слична конструкција со онаа пронајдена во Долината на кралевите.
„Мисијата очекува да открие недопрени гробници исполнети со богатство“, се додава во соопштението.
По повеќегодишна политичка нестабилност поврзана со народното востание во 2011 година, што му нанесе тежок удар на клучниот египетски туристички сектор, земјата се обидува да ги врати посетителите, особено преку промовирање на своето античко наследство, пишува британскиот весник.
Минатата недела, Египет ги пренесе мумифицираните остатоци на 18 антички кралеви и четири кралици од Египетскиот музеј во Каиро во новиот Национален музеј на египетска цивилизација во истиот град, како дел од поворката наречена „Златна парада на фараоните“.
Извор: Aljazeera
Поврзани артикли