Xiaomi денеска официјално го претстави својот најнов премиум телефон – Mi 11 Ultra. Уредот го карактеризираат врвни технологии на денешницата, вклучувајќи го премиум Qualcomm чипсет, дисплеј со висока брзина на освежување, брзо полнење на батеријата и одлични можности за фотографирање и снимање видео.

Кинеската компанија најави три нови телефони за глобалниот пазар, меѓу кои секако се истакнува Mi 11 Ultra. Веќе дознавме многу за телефонот од претходно објавените вести, а сега премиум телефонот е официјализиран.

Смартфонот е украсен со исклучително изразен систем на камери на задниот дел изработен од керамика. Причината е тоа што Xiaomi одлучи да имплементира 1,1 инчен OLED дисплеј на задната страна за известувања и преглед на селфи фотографии. Покрај екранот се наоѓаат три камери со висока резолуција: 50MP широкоагола (сензор 1/1.12 “, 1,4μm големина на пиксели, f / 1,95 отвор на бленда) со поддршка за OIS, dToF ласерски фокус и ноќен режим; 48MP ултра широкоаголна (128° FOV, f/2.2 отвор на бленда) и 48MP телефото со поддршка за 5x оптичко, 10x хибридно и 120x дигитално зумирање. Сите камери имаат поддршка за снимање на 8K видео.

Од предната страна на телефонот се наоѓа 6,81 инчен, четирикратно заоблен AMOLED DotDisplay, со 3200 x 1440p резолуција и Gorilla Glass Victus заштита. Екранот нуди брзина на освежување од 120Hz, максимална осветленост од 1700 нита, Dolby Vision, HDR10+ поддршка. Во punch-hole отворот е сместена 20MP селфи камера, додека сензорот за отпечатоци се наоѓа под екранот.

Телефонот работи со премиум Qualcomm Snapdragon 888 чипсет, со 12GB RAM и 256GB простор за складирање (LPDDR5 RAM + UFS 3.1 простор). Уредот го напојува батерија од 5000mAh, со поддршка за технологија за суперполнење, која Xiaomi сам ја разви. Технологијата овозможува брзо полнење до 67W преку кабел, 67W безжично полнење, како и 10W обратно безжично полнење.

Xiaomi конечно одлучи во еден од своите премиум смартфони да додаде IP68 сертификат за заштита од вода и прашина. Mi 11 Ultra има и два звучника со звук поддржан од Harman Kardon, Dual SIM, Wi-Fi 6 / 6E, Bluetooth 5.2, USB Type-C. Секако, тука е и поддршката за 5G мрежите.

Xiaomi Mi 11 Ultra ќе се нуди на европскиот пазар во Ceramic White и Ceramic Black варијанти, по цена од 1199 долари 12 GB + 256 GB модел.