Компанијата OnePlus ги објави своите нови OnePlus 9 и OnePlus 9 Pro флегшип смартфони, а сосема тивко на пазарот пристигнува и подостапниот модел OnePlus 9R.

Се работи за уред кој чини околу 550 долари и кој има оптичка стабилизација на сликата, што ја нема поскапиот OnePlus 9 со цена од 729 долари.

Моделот 9R ги нема Hasselblad камерите кои се дел од моделите 9 и 9 Pro, што и не е голем недостаток. OnePlus 9 и 9 Pro имаат нов хардвер, повеќе пиксели и поголема резолуција, но 9R поседува главна камера од 48 MP со оптичка стабилизација на сликата, што го решава проблемот со заматување што се јавува при поместување на камерата во услови на слаба осветленост. OnePlus 9 нема оптичката стабилизација на сликата, што е присутна во моделот 9 Pro, а кој чини 969 долари.

OnePlus 9R има и ултраширока камера од 16MP, макро камера од 5MP и монохроматски сензор од 2MP. Овој систем е преземен од моделот OnePlus 8T, кој може да креира квалитетни фотографии. Селфи камерата се одликува со 16MP.

Уредот доби 6,55 инчен OLED екран со 1080p резолуција и брзина на освежување од 120Hz, Snapdragon 870 процесор и 8 и 12GB RAM и 128GB внатрешна меморија. Го напојува батерија од 4.500 mAh, која поддржува 65W полнење и може целосно да се наполни за помалку од 40 минути. Безжичното полнење не е поддржано.

OnePlus 9R е моментно достапен во Индија, но би требало да се појави и на европскиот и на северноамериканскиот пазар.